Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Букурешт изјави дека во долгорочен интерес на Алијансата е да ја поддржи Украина во нејзиниот отпор кон руската агресија. Отворајќи го форумот Аспен-ГМФ, Столтенберг рече дека пораката на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, кои ќе се состанат подоцна денеска во Букурешт, ќе биде дека тие „ќе стојат на страна на Украина онолку колку што е потребно и нема да отстапат“. „Ова е клучен момент за нашата безбедност, ќе испратиме јасна порака дека сме тука и дека сме подготвени да ја одбраниме територијата на секоја наша членка“, рече Столтенберг на форумот што, со поддршка на НАТО, го организира романскиот огранок на Институтот Аспен и Германскиот Маршалов фонд (ГМФ) САД.
Столтенберг -Нема индиции дека Русија планира напади врз НАТО земји
Тој повтори дека ако рускиот лидер Владимир Путин победи во војната против Украина, „другите авторитарни лидери ќе бидат охрабрени“ да употребат сила за да ги постигнат своите цели и дека затоа е во долгорочен интерес на НАТО да ја поддржи Украина. Столтенберг изрази уверување дека министрите за надворешни работи на членките на НАТО „ќе заземат став дека поддршката за Украина треба да се зголеми“. Тој рече дека НАТО не е неподготвен за руската инвазија на Украина и дека тоа не е изненадување, бидејќи алијансата се подготвува за таква можност уште од 2014 година.
Османи во Букурешт на состанок на Северно-атлантскиот Совет на НАТО
Столтенберг повторно ги отфрли тврдењата дека проширувањето на НАТО кон исток е насочено против Русија. „Проширувањето на НАТО се однесува на одлуките на суверените земји да се приклучат на алијансата. Тоа не беше провокација од Русија, туку слободната демократска волја на земјите што сакаа да влезат во НАТО“, додаде тој.