САД: Русија еднострано го одложи состанокот во врска со Новиот нуклеарен договор СТАРТ

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за одложување на состанокот за билатералниот договор за контрола на нуклеарното оружје што требаше да започне денеска во Египет, а портпаролот на Стејт департментот изјави дека одлуката е „еднострано“ донесена од Москва. Состаноците меѓу двете земји за Новиот договор СТАРТ - единствениот преостанат за регулирање на арсеналот на двете најголеми нуклеарни суперсили - требаше да се одржат по руските нуклеарни закани против Украина и компликациите околу американските и руските инспекции за нуклеарно оружје предвидени во договорот.

Шојгу: Русија нема потреба да користи нуклеарно оружје во Украина

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека „САД и Руската Федерација во вторник во Каиро, Египет, требаше да започнат дискусии на ниво на Билатералната консултативна комисија за Нов СТАРТ, во врска со спроведувањето“ на тој договор. „Руската страна ги информираше САД дека Русија еднострано го одложува состанокот и посочи дека ќе предложи нови датуми“, наведува Стејт департментот. Висок функционер на Стејт департментот за Си-Ен-Ен изјави дека Русија не им ја кажала на САД причината за одложувањето и дека „неодамна“ го информирала Вашингтон за својата одлука. Руското Министерство за надворешни работи за руската државна новинска агенција РИА Новости изјави дека разговорите се одложени, а не ја наведоа причината за одложувањето.

Лавров: САД не понудиле обнова на преговорите за нуклеарниот договор

Новиот договор СТАРТ го ограничува бројот на оперативни нуклеарни ракети со интерконтинентален дострел и на САД и на Русија. Последен пат беше продолжен во 2021 година, за пет години, што значи дека двете страни наскоро треба да започнат преговори за нов договор за контрола на вооружувањето. Врз основа на договорот, на Вашингтон и на Москва им беше дозволено меѓусебно да ги проверуваат локациите каде што е распоредено нуклеарно оружје, но поради пандемијата „ковид-19“, инспекциите беа прекинати во 2020 година.