Османи во Букурешт на состанок на Северно-атлантскиот Совет на НАТО

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на состанок на НАТО во Брисел. (фотографија од датотека)

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на состанок на НАТО во Брисел. (фотографија од датотека)

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре во Букурешт ќе учествува на НАТО состанокот на Северно-атлантскиот совет, на ниво на министри за надворешни работи. Во фокусот на разговорите на НАТО Министерскиот состанок, како што соопшти МНР, ќе бидат актуелните безбедносни состојби, ситуацијата во Украина и политичката и практична поддршка од страна на земјите – членки. Воедно, ќе стане збор и за зајакнување на индивидуалната и колективна отпорност на земјите членки наспроти долгорочните предизвици со кои се соочува Алијансата.

Столтенберг: НАТО нема да отстапи, туку ќе продолжи да ја поддржува Украина

Сојузниците ќе се осврнат и врз стратешкото значење на Западен Балкан и Црноморскиот регион за НАТО и во таа насока на потребата од зајакнатата поддршка за земјите партнери изложени во поголем ризик, се вели во соопштението. Одржувањето на состанокот, кој вообичаено е во Брисел испраќа јасна порака: НАТО е многу присутен во регион близок до војната во Украина. На министрите за надворешни работи на алијансата ќе им се придружат и нивните шведски и фински колеги, вторите само како поканети, бидејќи Турција и Унгарија сè уште не ги ратификувале своите апликации за членство.