Штајнмајер во посета на Северна Македонија

Претседателите на Германија и на Македонија, Франк-Валтер Штајмајер и Стево Пендаровски во Скопје, 29 ноември 2022

Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер од денеска престојува во дводневна официјална посета на Северна Македонија. Тој во Скопје беше пречекан со највисоки државни и воени почести по што следуваа разговори со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во фокусот на разговорите, како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, беа севкупните билатерални односи, партнерството во НАТО и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза. Претседателот Пендаровски истакна дека посетата од страна на германскиот претседател во услови на променета геополитика, безбедносни закани и енергетски предизвици на европскиот континент, e потврда на нашето пријателство и цврстата подготвеност на Германија за поддршка на регионот. Тој посочи дека Северна Македонија високо ја цени посветеноста на Германија во процесот на европската интеграција на земјава, развојот и реформската агенда и особено нејзината конструктивна улога во Берлинскиот процес. Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија.

Приватните автобуси нема да блокираат поради посетата на Штајнмаер

Штајнмаер, како што е најавено, ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, а треба да се обрати и во Парламентот, да се сретне со млади луѓе во Претседателскиот центар за политичко образование. Утре, Штајнмаер во Чифте амам ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја“. Во попладневните часови ќе ги посети ветерниот парк во Богданци и германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци. Штајнмаер, потоа заминува во посета на соседна Албанија.