ОН – Големиот корален гребен треба да се стави на листата на загрозено светско наследство

Поглед од воздух на Големиот корален гребен

Големиот корален гребен во близина на североисточниот брег на Австралија би требало да биде ставен на листата на загрозено светско наследство, се препорачува во денеска објавениот извештај на Мисијата под закрила на Обединетите нации (ОН). Во извештајот се наведува дека без „амбициозна, брза и одржлива“ климатска акција најголемиот корален гребен на светот е во сериозна опасност.

Извештајот е составен врз основа на десетдневната мисија во областа на Големиот корален гребен која ја спроведоа претставници на УНЕСКО и Меѓународната унија за зачувување на природата.

Видете и ова: УНЕСКО: Големиот корален гребен кај Австралија да се стави во листата на загрозени локации


Гребенот се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО од 1981 година.

Во извештајот, како недоволно брзи и недоволно ефикасни се оценуваат скорашните напори за запирање на масовното избелување на коралите и да се запре загадувањето на водите околу Големиот корален гребен, што доведува до зголемување на нивната киселост, што може да биде отровно за живиот свет.

Во извештајот се препорачува поголемо финансирање на подобрување на квалитетот на водите и да се запре пропаѓањето на Гребенот.