Ахмети - Предвремени избори не се решение, имаме многу поважни задачи

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети

Мислам дека изборите не се решение за сегашната ситуација, бидејќи пред нас има многу поважни задачи, изјави денеска лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.

„Треба да се реализира скринингот и да продолжат преговорите со Европската унија. Во овој процес треба да има етничко и меѓуетничо единство, затоа што станува збор за иднината на државата“, изјави Ахмети по денешната Свечена академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.

Видете и ова: ДУИ не може да се победи од надвор – Алијанса за Албанците во Влада?

Во врска со најавите за влез на Алијансата на Албанците во владината коалиција, Ахмети истакна дека целта на таквата идеја е обезбедување на „концентрација во европските интеграции“.

Тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари за ова прашање.

„Сè уште не зборувано за детали, најважно е што страните изразиле волја за еден процес кој бара унифицирање и бара координација“, истакна Ахмети, додавајќи дека досега не се разговарало за евентуална прераспределба на министерските ресори во Владата.