Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија „планира нови напади“ врз неговата земја, повикувајќи ги одбранбените сили и граѓаните да бидат подготвени да издржат нова недела на оптоварување на електричната мрежа во услови на ниски температури. Москва во последните недели ја гаѓаше виталната инфраструктура, предизвикувајќи прекини на струја и убивајќи цивили. Нападите во минатата среда предизвикаа најголема штета досега во деветмесечниот конфликт, оставајќи милиони луѓе без струја, вода и греење, додека температурите паднаа под 0 Целзиусови степени. „Терористите планираат нови напади. Ова го знаеме со сигурност“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање во неделата.
Украина со напори за целосно враќање на струјата, критики од Зеленски кон Кличко
Во Киев падна снег и температурите се движеа околу нула во неделата, додека милиони во и околу главниот град на Украина се мачеа со прекините во снабдувањето со електрична енергија и централното греење предизвикани од брановите на руските воздушни напади. Кремљ во минатата недела негираше дека неговите напади врз електричната мрежа на Украина биле насочени кон цивили, но рече дека Киев може да ги „заврши страдањата“ на своето население со исполнување на барањата на Русија за решавање на конфликтот. Русија анектираше делови од истокот и југот на Украина во септември, а претседателот Владимир Путин рече дека за територијалните барања на Москва нема да се преговара. По анексијата, Зеленски рече дека нема да преговара со Москва и дека не може да се преговара за територијалниот интегритет на Украина.