Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз изутринава ќе протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај Мавровка, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Како што најави приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“, блокирањето ќе биде со повеќе од 30 автобуси и повеќе од 300 лица. „времетраењето на протестот не е утврдено и се планира да трае до исполнување на барањата кои ако брзо не се решат во наредните денови ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје“, посочуваат од „Слобода превоз“. Во рамките на своите активности за решавање на актуелниот проблем денеска „Слобода превоз“ треба да оствари средба со УО на ЈСП. Исто така претставници на „Слобода Превоз“ ќе присуствуваат на седницата на Советот на Град Скопје.
Приватните превозници нема да возат додека не им се реши проблемот
„На средбата со УО на ЈСП на која се очекува да присуствува и директорот на ЈСП ќе побараме информации поврзани со долгот на ЈСП-Скопје и зошто директорот не ги исполнува обврските од договорот, како и информации за изнесените невистини од страна на градоначалникот за наводен криминал со билетите за превоз и кражба на пари, кои одговори секако дека ги имаат службите на ЈСП, бидејќи тие се најинволвираните, задолжени и компетентни во целиот процес од набавка, дистрибуција до продажба на билети и за функционирање на АВЛ системот и системот за наплата“, стои во соопштението.