Шефот на Енергоатом гледа знаци за можно руско напуштање на окупираната нуклеарна централа

Петро Котин, шефот на украинската државна компанија за нуклеарна енергија Енергоатом, изјави дека има знаци оти руските сили можеби се подготвуваат да ја напуштат огромната нуклеарна централа Запорожја, која ја зазедоа во март, веднаш по нивната инвазија.

Ваквиот потег би бил голема промена на бојното поле во делумно окупираниот југоисточен регион Запорожје, каде што линијата на фронтот речиси не се поместува со месеци. Повторуваното гранатирање околу централата поттикна страв од нуклеарна катастрофа.

Видете и ова: Гроси на разговори со руската делегација поради безбедноста во централата Запорожје

Русија и Украина, која беше местото на најтешката нуклеарна несреќа во светот во Чорнобил во 1986 година, со месеци постојано се обвинуваа меѓусебно за гранатирање на нуклеарниот комплекс Запорожје, кој повеќе не произведува енергија.

Запрашан дали е премногу рано да се зборува за напуштање на руските војници од централата, Котин на телевизија сепак дополни: „Прерано е. Не го гледаме тоа сега, но тие се подготвуваат (да заминат).“

Во петокот, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека трите украински нуклеарни централи на територијата под контрола на владата биле повторно приклучени на мрежата, два дена откако руските ракетни напади ги принудија да се затворат за прв пат по 40 години.