Премиерот Ковачевски објави видео од својот ручек во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски ги посети студентите во студентскиот дом „Гоце Делчев“, и ручаше риба и грав во студентската менза, заедно со студентите. За ова објави видео на Фејсбук и порача дека студентите се иднината на државата и нема да бидат оставени сами.

„Студентите никој не може да ги тргне од мене. Никој нема да биде оставен сам“, порачува Ковачевски во видеото насловено „Ручек со студентите“.


Видеото доаѓа откако на скоро два месеца по почетокот на академската година студентите поради законски вакуум не добија пари за студентски оброк, при што со новите законски измени се направи обид ова право да им биде скратено повеќе студенти. Ваквите измени беа повлечени по силните реакции во јавноста, а привремено решение се најде по студентскиот протест и средба со студентски претставници во Собранието.

Во истовреме, во дел од медиумите излегоа слики и од студентскиот дом „Стив Наумов“, каде голем дел од студентите живеат во субстандардни услови. Практично, во моментов единствениот целосно реновиран државен студентски дом кој работи во Скопје е „Гоце Делчев“.

Инаку премиерот во последниот период има навика честопати да јаде надвор и да објавува на социјалните мрежи. Така, неодамна во РЕК јадеше сендвич со мортадела, на Широк Сокак се почести со тост, а по ќебапџиња беше во Гостивар.

Премиерот Ковачевски на сува храна