Османи од Ријад: Големи можности за размена на прехрамбени и земјоделски производи

Прва посета на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Кралството Саудиска Арабија

Има голем потенцијал за интензивирање на соработката на полето на прехрамбената индустрија, туризмот и енергетиката, се согласиле министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот колега Кралството Саудиска Арабија, принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд.

Османи денеска е во прва официјална посета на Ријад, што воедно претставува и прва средба на ниво на министри за надворешни работи од воспоставувањето дипломатски односи.

„Денешната посета претставува потврда на заемната посветеност на развојот на билатералните односи, со посебен акцент на економските врски и трговската размена. Пред нас се отвораат големи можности за понатамошно интензивирање на размената на прехрамбени продукти и земјоделски производи, особено имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храната во овој регион и нашиот потенцијал за кој ни се потребни нови пазари“, истакнал Османи, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Видете и ова: САД предупредени дека Иран може да ја нападне Саудиска Арабија

Османи притоа ги нагласил интензивните активности во доменот на економската дипломатија и посветеноста на креирањето поволни услови за странските инвеститори, подвлекувајќи дека саудиските инвеститори во Владата на Северна Македонија ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивни потенцијални идни проекти.

Соговорниците разговарале и за можностите на унапредување на билатералните односи, договорната рамка, парламентарната соработка како и соработката на полето на културата и образованието.