СДСМ го обвинува ВМРО ДПМНЕ за манипулација, велат договорот за РЕК Битола е на 18 месеци

Илустративна фотографија

Договорот што ВМРО-ДПМНЕ денеска го спомнува се однесува на период од 18 месеци, односно ќе се покрива ископот на јаглен во текот на грејната сезона 2022/2022 и следната грејна сезона, 2024/2025, се наведува во соопштението на СДСМ како одговор на денешната прес конференција на Стевче Антовски од ВМРО ДПМНЕ во која тој обвинува дека за ист тендер во РЕК Битола годинава биле платени 7 милиони евра повеќе од лани.

Од СДСМ го обвинуваат ВМРО ДПМНЕ за манипулација. Притоа појаснуваат дека промената била направена за да не се случи завршување на Договорот во текот на грејна сезона.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека за ист тендер во РЕК Битола се платени 7 милиони евра повеќе од лани

„Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижи за енергетиката покажува фактот што оваа партија блокираше поволен заем од 100 милиони евра од ЕБОР за поддршка на енергетските капацитети во време на светска економомска и енергетска криза. На ВМРО-ДПМНЕ воопшто не им е битна енергетиката, за време на 11 години владеење на оваа партија, цената на струјата се зголеми за 100 отсто, а не беше изграден ниту еден нов енергетски капацитет во државата“, велат од СДСМ.

Антовски претходно обвини дека на тендерот имало само еден понудувач, како и дека за ист тендер во РЕК Битола лани биле платени 13 милиони евра, а годинава 20 милиони евра.