ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека за ист тендер во РЕК Битола се платени 7 милиони евра повеќе од лани

Рек Битола

За ист тендер во РЕК Битола лани се платени 13 милиони евра, а годинава 20 милиони евра, нагласи Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната пред-конференција од партиското седиште, обвинувајќи дека се трошат народни пари за „коруптивен договор“.

„На 22.11.2022 година во РЕК Битола се склучува коруптивен договор во висина од 20.000.000 евра. На тендерот со еден понудувач „Марковски- компани“, која е фирма миленик на директорот Ковачевски за договори во четири очи, понудила точна сума – токму колку што планирале од РЕК Битола да потрошат. Најстрашно е што кога имало конкуренција во претходната 2021 година за истата услуга на истиот оглас во договор од 24.06.2021 година во РЕК Битола платиле 13.000.000 евра што е за 7.000.000 евра помалку“, истакна Антовски.

Видете и ова: ВМРО ДПМНЕ обвинува дека РЕК Битола прави набавка од фирма на директор на ТЕЦ Неготино

На Бирото на јавни набавки стои дека споменатата компанија годинава добила тендер за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Рудник Брод-Гнотино (РЕК Битола).

Антовски рече дека лани кога имало повеќе понудувачи, цената од планирани 13.5 милиони евра паднала на 13 милиони, па прашува како е можно годинава РЕК Битола да платила 7 милиони евра повеќе.

„Меѓутоа лакомоста и криминалот во РЕК Битола не завршува тука. При реализација на овие тендери истиот камион неколку пати поминува на вага со товарениот материјал без да го истовари на депониите за јаглен кои во рудниците во БРОД ГНЕОТИНО не се обезбедени, ниту пак некој ги контролира и истиот товар се наплаќа односно се фактурира неколкукратно. Испорачаната количина на јаглен е неколкукратно помала бидејќи се испорачува еден товар, а се наплаќа повеќепати, се наплаќаат повеќе фактури за истиот товар“, додаде Антовски.

Вчера пак од ВМРО ДПМНЕ обвинија за судир на интереси во склучувањето на договор тежок 632.000 евра со којшто РЕК Битола набавувале средство за спречување кревање прашина, од како што посочија, семејна фирма на директорот на ТЕЦ Неготино.