Министерството за здравство направило план за рационализирање на трошоците во здравствените установи, а донесена е одлука јавните здравствени установи да склучат договори за електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.
Како што соопштија до Министерството, дадени се насоки до сите јавни здравствени установи, за рационализирање на сметките и трошоците за оваа намена, но истовремено, како што велат, грижата за пациентите и обезбедувањето здравствена заштита останува врвен приоритет.
Информираат дека засега 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ продажба, од кои три се во фаза на потпишување и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена.
Во однос пак на штедењето струја во зградата на министерството, кое е на последно место по штедење споредено со останатите вакви објекти, велат дека се спроведуваат мерки како забрана за користење дополнителни грејни тела, рационално користење на осветлувањето, редовно менување на филтрите на клима уредите, замена на стари прозорци со енергетско ефикасни, поставување штедливи сијалици и слично.