Протести во Шангај поради тешките ковид ограничувања

Протести во Шангај, 27 ноември 2022

Протестите против тешките ограничувања на Кина за Ковид -19 се проширија во повеќе градови, вклучително и во финансискиот центар Шангај рано на 27 ноември, речиси три години од пандемијата, со нов бран на гнев предизвикан од смртоносниот пожар на западот на земјата.

Пожарот на 24 ноември, во кој загинаа 10 лица во висока зграда во Урумчи, главен град на регионот Ксинџијанг, предизвика јавен гнев бидејќи многу корисници на интернет претпоставуваа дека жителите не можеле да избегаат навреме бидејќи зградата била делумно заклучена, што беше негирано од градските власти.

Видете и ова: Панично купување храна во Пекинг по најавата за отворање нови карантински центри за ковид-19

Пожарот и негирањето на властите дека мерките за Ковид-19 го попречиле бегството и спасувањето, поттикнаа бран на граѓанска непослушност без преседан во континентална Кина откако Кси Џинпинг ја презеде власта пред една деценија

Во видео кое кружи на интернет, а кое според агенцијата Франс прес е снимено на улица во центарот на Шангај, стотици демонстранти извикуваат „Си Џинпинг оставка“ и ја осудуваат Кинеската Комунистичка партија, во реткиот приказ на непријателство во економскиот центар кон претседателот и властите.

Друго видео покажува луѓе кои се собираат во центарот на Шангај за да им оддадат почит на десет лица загинати во пожарот во Урумчи.

Стотици се собраа на елитниот универзитет во Пекинг Цингуа за да протестираат против заклучувањата во неделата, изјави за АФП сведок кој сакаше да остане анонимен.

Видете и ова: Протести во најголемата фабрика за Ајфони во Кина

Видеа споделени на интернет покажаа толпа на оваа локација, собрана околу говорникот која извикува: „Ова не е нормален живот, доста ни е. Нашите животи не беа вакви порано!“

Заморот расте во Кина поради тешката политика за борба против пандемијата. Последниве денови во неколку градови веќе се одржаа спорадични, а понекогаш и насилни протести, особено во најголемата фабрика за Ајфон во светот, лоцирана во Женгжу, во центарот на земјата, а во сопственост на тајванската групација Фокскон.

И покрај повеќе достапни вакцини и спротивно на остатокот од светот, Кина продолжува да наметнува карантини веднаш штом се појават случаи на ковид.