Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвини за судир на интереси во склучувањето на договорот тежок 632.000 евра со којшто РЕК Битола набавувал средство за спречување кревање прашина, од како што рече, семејна фирма на директорот на ТЕЦ Неготино.
Како што изјави Стоилков, оваа фирма била единствен понудувач, а според РЕК Битола набавката била неопходна за превенција за заштита од емисии на прашина на отворено, особено при високи температури, суво и ветровито време.
„ На 20 октомври АД ЕСМ за потребите на РЕК Битола склучува договор за јавна набавка на стоки со семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДС, Небојша Стојановиќ од Неготино, „Хем алијанс“ со седиште во Пепелиште. Сопственик на фирмата е неговиот татко, а управител неговата сопруга Милица Стојановиќ. „Хем алијанс“ се обврза во наредните 12 месеци за потребите на РЕК Битола да набавува „чисто органско биоразградливо соединение за спречување на појава на прашина од одложена пепел (РЕК Битола)“, истакна Стоилков.
Тој појасни дека со владина одлука од 14 јуни, ТЕЦ Неготино е присоединето со АД ЕСМ, а во тек било склучувањето на спогодбата за присоединување.
„Е па почитувани, јасна е намерата, уште повидлив е судирот на интереси“, изјави Стоилков.
Од ВМРО ДПМНЕ прашуваат зошто во услови на тешка криза енергетска и финансиска сега се прави набавка за топлите денови и дали причината е токму присоединувањето на ТЕЦ Неготино, за да се фати последниот воз за набавка.
„Со електроенергетскиот систем воден од СДС, РЕК Битола набавува од семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино, а двете се дел од АД ЕСМ! И РЕК Битола и ТЕЦ Неготино се водени од високи функционери на СДС!“, изјави Стоилков.
Од партијата бараат ДКСК и ЈО веднаш да отворат истрага и да одговорат дали има судир на интереси и прелевање буџетски пари кај партиски функционери.