Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во саботата изјави дека силите на полицијата Басиј ги жртвувале своите животи во, како што ги нарече, немирите или бран протести предизвикани од смртта во притвор на младата Махсa Амини во септември.
Протестите кои започнаа по смртта на Амини додека беше во притвор на иранската полиција за морал, поради кршење на правилата за носење шамија, се претворија во еден од најхрабрите предизвици за свештеничкото раководство од Исламската револуција во 1979 година. Оспорувајќи го легитимитетот на Исламската република, демонстрантите запалија слики со ликот на Хамнеи и повикаа на пад на Исламската Република.
Силите на Басиј, поврзани со елитната Револуционерна гарда во земјата, беа на чело на сузбивањето на немирите во земјата во последните недели.
„Тие ги жртвуваа своите животи за да го заштитат народот од бунтовниците... присуството на членовите на Басиј покажува дека Исламската револуција е жива“, рече Хамнеи во телевизискиот говор.
Свештеничкиот естаблишмент на Иран за немирите ги обвини странските непријатели на земјата, особено Соединетите Држави и нивни агенти.
Активистичката новинска агенција ХРАНА објави дека до петокот биле убиени 448 демонстранти, меѓу кои 63 деца. Се наведува и дека загинале 57 припадници на безбедносните сили, а биле уапсени околу 18.170 лица.
Властите не го објавија бројот на жртвите на демонстрантите, но висок функционер во четвртокот изјави дека 50 полицајци биле убиени во немирите. Тврдокорното судство во Иран осуди најмалку шест демонстранти на смрт, а илјадници се обвинети за вмешаност во немирите, според официјални лица.