Новини во платежната сфера од 1 јануари

Народна банка

Советот на Народната банка донесе 12 подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера која стартува од Нова година, со Законот за платежни услуги и платни системи.

Според Народната банка, примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги, преку овозможување влез на нови даватели на вакви платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка.

„Така, од почетокот на следната година, покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања“, информираат од Народна банка.

Видете и ова: Народна банка – Растат штедните влогови на граѓаните

Оттаму посочуваат дека за извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата.

Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса ако запре со работа банката и штедилницата каде што се чуваат.

Како посебно значајна новина за потрошувачите се споменува олеснетото споредување на надоместоците за услугите поврзани со платежната сметка. За оваа цел, Народната банка ќе објави листа на 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка кои потрошувачите најчесто ги користат. Споредбата на надоместоците на веб-страната на Народната банка се очекува да биде овозможена најдоцна до 30 септември 2023 година.