Половина Киев се уште без струја по руските напади

Киев - 25 ноември, 2022 година.

Речиси половина од жителите на Киев се уште се без струја два дена по ред откако руските напади предизвикаа штета на енергетската мрежа на земјата.
И во јужниот украински регион Херсон руското гранатирање принудило евакуација на пациентите од болниците во градот со истото име.

Систематските и насочени руски напади во последниве недели ја фрлија енергетската инфраструктура на Украина на колена додека се приближува зимата, поттикнувајќи страв од здравствена криза и натамошен егзодус.

Видете и ова: Снабдувањето со струја и вода обновено во украинските градови по разорните напади

Комуналните работници се на терен за повторно да ги поврзат греењето и водата, бидејќи температурите во Киев се приближуваат до нула. Министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Џејмс Клеверли најави нов пакет помош.

„Мораме да ја издржиме оваа зима, која сите ќе ја паметат“, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски на социјалните мрежи.

Украинскиот премиер Денис Шмигал на состанок на владата изјави дека давателите на електрична енергија сега обезбедуваат 70 отсто од потребите.

„Речиси целата критична инфраструктура на Украина е повторно поврзана“, рече тој.

Но,додаде дека во просек, од 200 до 400 илјади потрошувачи се исклучени од напојувањето во секој регион во одредени часови.