Едно лице застрелано во судир на мигранти на границата меѓу Србија и Унгарија

Српската полиција ги придружува бегалците и мигрантите во паркот кај Економскиот факултет во Белград - 25 ноември, 2022 година.

Српското министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека полицијата започнала детален претрес на реонот кај границата Хоргош меѓу Србија и Унгарија поради дојава дека мигранти „пукале еден на друг“. Според соопштението, полицијата на лице место затекнала шест мигранти, а еден 20 годишен мигрант е повреден. Тој имал две прострелни рани во градниот кош.

Србија е дел од таканаречената „балканска рута“, а луѓето бегајќи од војна минуваат низ земјата во обид да стигнат до некоја од државите на ЕУ. Полиција притоа привела и повеќе лица за кои постои сомневање дека имаат врска со престрелката, како и за нелегален шверц на мигранти. Како што се додава, откриени се повеќе од 600 „нелегални мигранти“.

Видете и ова: Министрите на ЕУ на состанок во Брисел за зголемениот број мигранти

Српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ, кој во текот на денот го посети северниот дел на Србија, изјави дека „полицијата е подготвена да одговори на сите безбедносни предизвици, особено на овој дел од територијата каде што се концентрирани голем број мигранти“.

Властите на Србија, Унгарија и Австрија на 16 ноември потпишаа меморандум за разбирање за зајакнување на соработката во областа на миграцијата и заштитата на границите.