Иран се противи на истрагата на ОН за немирите во земјата

Колона на возила на патот кон Курдистан каде се одбележуваат 40 дена од смртта на Амини - септември 2022 година.

Иранското Министерство за надворешни работи ја осуди одлуката на Советот за човекови права на Обединетите нации -ОН да го истражи одговорот на земјата на немирите по смртта на Махса Амини. Техеран се противеше на одржување на вонредна седница на Советот, која беше закажана на барање на Германија и Исланд.

„Иран целосно ја отфрла резолуцијата усвоена за формирање мисија за проверка на факти на високо ниво,“ се вели во соопштението на иранското Министерство.

Повеќе од два месеци во Иран се одржуваат демонстрации, кои започнаа по смртта на 22-годишната Амини. Таа беше уапсена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во земјата.

Видете и ова: ОН бараат да се стави крај на крвавото задушување на протестите во Иран


Министерството за надворешни работи соопшти дека Иран веќе формирал национална истражна комисија која вклучува правни експерти и „независни претставници“.

„Иран не ја признава мисијата“, додаде иранското Министерство за надворешни работи.

Според властите, формирањето на каков било нов механизам за истрага на инциденти во Иран е бескорисно и претставува повреда на националниот суверенитет на земјата.

Техеран ја обвини Германија и другите земји кои ја поддржаа резолуцијата за „лажни и провокативни наводи за кршење на правата на мажите, жените и децата, што Иран ги негира“.