Гас, политика и ЛГБТ

УНГАРИЈА - Унгарија доби изземање од ограничувањето на цената на руската нафта предложена од Европската унија за време на преговорите во Брисел, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. На брифингот во Брисел, пренесуван на неговата страница на Фејсбук, тој рече дека испораката на нафта преку нафтоводите, врз основа на сегашниот предлог на ЕУ, ќе биде ослободена од ограничување на цената.

МАКЕДОНИЈА - Кривична пријава против директор на средно училиште во Кочани поднесе полицијата. Кочанската полиција се сомнева дека 34 годишниот вршител на должност директор незаконски издал под кирија деловен простор кој бил во сопственост на училиштето без да спроведе посебна постапка за закуп на недвижни ствари со електронско јавно наддавање и без да склучи Договор за закуп на деловен простор.

БУГАРИЈА - Македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска била повикана на вонреден состанок, на кој и била врачена протестна нота од Бугарија поради вчерашниот инцидент со бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Портпаролот на бугарското Министерство за надворешни работи, Костадин Коџабашев изјави дека Бугарија очекува надлежните органи во Северна Македонија веднаш да ги преземат сите неопходни активности за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на кривичното дело.

МАКЕДОНИЈА - Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, изјави денеска директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, како одговор на обвинувањата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска дека приватните превозници со билетите прават криминал и затајуваат данок.
Арсовска изјави дека приватните превозници од 2017 година до сега наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец за извозени 400 илјади километри.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти денеска го бранеше договорот со Србија за да се избегне криза и можно етничко насилство поради ограничувањата на регистарските таблички и рече дека тоа го отвора патот за „големи чекори“ за нормализирање на односите меѓу балканските соседи.

ЕУ - Европскиот парламент денеска усвои резолуција за состојбата со човековите права во Катар, во која се оценува дека изборот на земјата да биде домаќин на Светското првенство во фудбал е проследен со убедливи обвинувања за корупција. Во резолуцијата, парламентот изрази жалење за „смртта на речиси илјада мигранти во Катар“, главно градежни работници кои работеле на изградба на објекти за Светското првенство, како и за сите оние кои беа повредени.

УКРАИНА - Русија ризикува да предизвика „нуклеарна и радиоактивна катастрофа“ со нападите во кои сите нуклеарни централи на Украина беа исклучени од електричната мрежа за прв пат по 40 години, изјави денеска Петро Котин, шеф на украинската нуклеарна компанија Енерхоатом.

МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија денеска стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот, организација која ги вклучува сите земји-членки на ЕУ, како и медитеранските земји кои не се дел од неа. Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, оваа одлука едногласно ја усвоија министрите за надворешни работи на 42 земји членки на Медитеранската унија во рамките на Регионалниот форум на тој мултилатерален проект, што се одржува во Барселона.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во врска со препораката на Европскиот парламент (ЕП) изјави дека Белград не е заинтересиран за взаемно признавање на независноста со Приштина. „Не бев особено вознемирен од препораките на ЕП. Ние не сме заинтересирани за меѓусебно признавање со Приштина, а што се однесува до санкциите против Русија, можеме сами да одлучуваме“, рече Вучиќ во Белград, по средбата со раководството на Република Српска. Тој рече дека Србија ќе продолжи да слуша што и кажува ЕП, но дека ќе носи одлуки во согласност со своите интереси.

РУСИЈА - Рускиот парламент денеска го усвои во третото и последно читање на законот со кој се проширува постоечката забрана за промовирање „ЛГБТ пропаганда“ на децата со тоа што ја забранува меѓу луѓето од сите возрасти. Според новиот закон, секој настан или чин што се смета за обид за промовирање на хомосексуалноста - вклучително и на интернет, во филмови, книги, рекламирање или во јавност - може да биде висока казнет. Казната ќе биде до 400.000 рубли (6.600 долари) за физички лица и до 5 милиони рубли (82.100 долари) за правни лица. Странците би можеле да се соочат со 15 дена апсење и последователно протерување од земјата.