Приватните превозници со демант за Арсовска и протест утре пред ЈСП

Архивска фотографија, директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски

Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, изјави денеска директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, како одговор на обвинувањата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска дека приватните превозници со билетите прават криминал и затајуваат данок.

Арсовска изјави дека приватните превозници од 2017 година до сега наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец за извозени 400 илјади километри.

Видете и ова: Арсовска ги обвини приватните превозници за криминал

Јовановски тврди дека тие немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови коишто ги има определено ЈСП. Тој образложи дека нивна обврска со договорите е да изготвувааат фактура според изминати километри и оти тоа постојано се проверува преку мониторинг центарот на Град Скопје и се следи преку ОКЦ- Центарот на ЈСП.

„Јас не можам да разберам како може една институција како што е Град Скопје, како што е институцијата Градоначалник на Град Скопје да си дозволи да изнесува вакви невистини со дефокусирање и со обвинувања коишто се сериозни и за коишто ние како компании, коишто сме споменати, во консултација со адвокатски канцеларии ќе поднесеме тужби за клевета и за нарушување на угледот“, изјави Јовановски.

Видете и ова: Скопјани во „менгеме“ меѓу Арсовска и партиите

Тој додаде дека побарале помош од Советот на Град Скопје и се надева дека ќе бидат повикани во текот на утрешниот ден за да ги изнесат нивните ставови. Приватните превозници утре со своите возила ќе бидат пред централата на ЈСП каде што ќе побараат одговори зошто престанале исплатите.

Автобусите кои возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот, оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.