Косовскиот премиер Албин Курти денеска го бранеше договорот со Србија за да се избегне криза и можно етничко насилство поради ограничувањата на регистарските таблички и рече дека тоа го отвора патот за „големи чекори“ за нормализирање на односите меѓу балканските соседи.
Тој на седницата во косовското Собрание рече дека „нема да наметнува казни“ за регистарските таблички. Курти им рече на пратениците дека „ќе му даде простор “за преговори на европскиот предлог, кој претходно беше наречен „француско-германски“ предлог.
Србија сè уште одбива да го признае косовскиот суверенитет и го блокира нејзиното членство во меѓународните институции.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го поздрави договорот, со посредство на Брисел меѓу главните преговарачи на Косово и Србија, како начин „да се избегне понатамошна ескалација“ поради стравувањата дека спорот за регистрација на возила може да предизвика етничко насилство.
Курти, исто така, на Твитер им се заблагодари на меѓународните посредници и изрази надеж дека разговорите за нормализација можат да постигнат резултати.
„Нема време за мали амбиции“, напиша Курти на Твитер, „време е за големи чекори“.
„Вчерашната согласност го отвора патот за интензивни разговори за целосна нормализација на односите со Србија врз основа на Предлогот на ЕУ поддржан од Франција, Германија и Соединетите држави“, додаде тој.
Тој изрази посебна благодарност до американскиот амбасадор Џеф Ховениер.
Борел вети дека ќе ги покани српските и косовските претставници во наредните денови да разговараат за следните чекори.
Косово планираше оваа недела да започне со изрекување казни до 150 евра за околу 10.000 српски возачи кои продолжуваат да користат стари регистарски таблички на автомобили од Србија.
Разговорите поддржани од ЕУ претходно оваа недела меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ не успеаја да постигнат договор за ова прашање.
Овонеделниот договор бара Србија да престане да издава регистарски таблички со „деноминациите“ на косовските градови и Косово ќе престане со понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата.