Европски парламент- Во ФИФА има системска и длабоко вкоренета корупција

Европскиот парламент денеска усвои резолуција за состојбата со човековите права во Катар, во која се оценува дека изборот на земјата да биде домаќин на Светското првенство во фудбал е проследен со убедливи обвинувања за корупција.

Во резолуцијата, парламентот изрази жалење за „смртта на речиси илјада мигранти во Катар“, главно градежни работници кои работеле на изградба на објекти за Светското првенство, како и за сите оние кои беа повредени.

Во неа се констатира дека за да се заштитат спортистите и навивачите, меѓународните спортски настани не треба да се доделуваат на земји каде што се прекршуваат основните човекови права и каде што преовладува родово базирано насилство.

Во резолуцијата е оценето и дека Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) има „раширена, системска и длабоко вкоренета“ корупција.

Видете и ова: Мундијалот во Катар меѓу контроверзите и квалитетниот фудбал

Претставниците на Европскиот парламент изразија жалење што доделувањето на организацијата на Светското првенство на Катар било нетранспарентно и со проценка на негативните последици.

Се нагласува дека ФИФА сериозно го нарушила угледот и интегритетот на светскиот фудбал, соопшти Европскиот парламент.

Видете и ова: Шефот на ФИФА го обвини Западот за лицемерие

Европскиот парламент, исто така, оцени дека катарските власти мора да спроведат целосна истрага за смртта на работниците мигранти и да ги обесштетат нивните семејства доколку починале поради лоши услови за работа.
Катарската влада не одговори веднаш на барањето за коментар, пренесува новинската агенција Ројтерс.