Арсовска ги обвини приватните превозници за криминал

Луѓе со заштитни маски, Скопје, март 2020 година

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција ги обвини приватните авобуски првозници за криминал, затајување на приходи, матни игри и нечесно трошење на буџетот на граѓаните.

Таа посочи дека приватни превозници во изминатите пет години, односно од 2017 година до сега немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.

„Каде завршувале овие пари кои „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП-Скопје и до УЈП, од продажбата на карти, доколку за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет?! Да затаите приходи коишто се движат во висина од околу 200 до 300 илјади евра секој месец, да не ги прикажете никаде и тоа да се одвива пет години – мора да признаеме дека тоа се милиони и милиони евра пари на граѓаните коишто некој си ги ставил во џебот“, изјави градоначалничката.

Арсовска рече дека возачите во најголем број се чесни луѓе, но дека некој манипулирал и во нивно име, и за политички и за лични цели.

Видете и ова: Скопјани во „менгеме“ меѓу Арсовска и партиите

Град Скопје изготви нов јавен повик каде што на секој од сегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да си добие линија со исполнување на условите коишто ќе бидат во јавниот повик и да си работи чесно за да може да обезбеди соодветен јавен превоз, најави Арсовска.

Видете и ова: Сообраќаен метеж низ Скопје, приватниците не возат, се прават улици

Автобусите кои возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот, оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје. Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров за надминување на состојбата завршија без договор.