Русија ризикува да предизвика „нуклеарна и радиоактивна катастрофа“ со нападите во кои сите нуклеарни централи на Украина беа исклучени од електричната мрежа за прв пат по 40 години, изјави денеска Петро Котин, шеф на украинската нуклеарна компанија Енерхоатом. Украинските власти вчера соопштија дека три нуклеарни централи на територијата што ја држат украинските сили биле исклучени по последниот бран руски ракетни напади врз украинските енергетски постројки. Котин рече дека огромната нуклеарна централа во регионот Запорожје во јужна Украина, која не е во функција од септември, исто така била исклучена од мрежата и станала зависна од резервните дизел генератори.
Снабдувањето со струја и вода обновено во украинските градови по разорните напади
Тој додаде дека централата Запорожје, која е окупирана од руските сили веднаш по инвазијата на Русија во Украина пред девет месеци, била повторно приклучена на мрежата до четврток наутро и дека резервните генератори биле исклучени. „Постои реална опасност од нуклеарна катастрофа. Русија мора да одговара за ова срамно злосторство“, рече тој. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на комплексот на нуклеарката Запорожје. Украинските власти постојано предупредуваат на нова нуклеарна катастрофа во земјата која ја доживеа најтешката нуклеарна несреќа во светот во 1986 година во нуклеарната централа во Чернобил, која повеќе не е во функција.