Кој ќе добива субвенционирана струја од први декември?

Електрична централа

Заклучно со вчера, кога истече рокот, за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор. Согласно одлуката на Владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

Бектеши: Државните институции во октомври заштедиле 24 отсто струја

„Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи до вчера, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата. Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека Министерството за економија уште од почетокот на енергетската криза е во секојдневна комуникација со бизнис секторот и врз основа на тоа, како што рече, се донесени низа мерки со цел заштита на стандардот на граѓаните и намалување на инфлацијата преку сет мерки за трговците и производителите на основните прехранбени производи. „Обезбедивме фиксна цена на електричната енергија од 80 евра за мегават час за компаниите од прехранбениот сектор кои произведуваат основни прехранбени производи што е повеќе од двојно помалку од цената на струјата на регулираниот пазар“, рече Бектеши. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски посочи дека за вкупно 518 нови субјекти АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ од 1 декември ќе треба да обезбеди електрична енергија по пониски цени.