Османи им се заблагодари на САД за договорот на Приштина и Белград за табличките

Претседателката на Косово Вјоса Османи

Претседателката на Косово Вјоса Османи му се заблагодари на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, за договорот што синоќа во Брисел го постигнаа претставниците на Косово и Србија во врска со регистарските таблички на возилата на косовските Срби. Османи во објава на нејзината страница на Твитер ја оцени како мошне значајна американската улога во процесот на преговорите меѓу Косово и Србија во спречувањето на ескалацијата на состојбите.


Постигнат договор меѓу Косово и Србија за регистарските таблички

Преговарачите на Косово и Србија, косовскиот вицепремиер Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српската влада Петар Петковиќ синоќа во Брисел со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак се договорија Приштина да го одложи изрекувањето казни за косовските Срби кои не ги смениле српските со косовски регистарски таблички, додека Белград да престане да издава таблички со српски ознаки за возилата во северно Косово.