Скопје виа Кина
УКРАИНА - Непријателот повторно одлучи да се обиде со терор и убиство да го постигне она што не можеше да го постигне девет месеци и нема да може да го постигне, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски откако бебе загина во руски ракетен напад врз породилиште во регионот Запорожје.
ФРАНЦИЈА - Веб страницата на Европскиот парламент попладнево беше нападната од хакери. Претходно денеска таа институција ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот поради руските напади врз украинските цивили и енергетската инфраструктура на земјата, поради што на милиони Украинци им се заканува замрзнување оваа зима.
МАКЕДОНИЈА - Владата побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександер Онишченко. Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на којашто Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот.
ИРАН - Иран соопшти дека полковникот Давуд Џафари, висок командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), е убиен во Сирија од бомба покрај патот во напад за кој Техеран го обвинува Израел. Новинската агенција Тасним, поврзана со ИРГЦ, објави изјава од групата во која се вели дека Џафари бил советник на одделот за воздухопловство на ИРГЦ. Во соопштението се додава дека Израел е одговорен за операцијата, иако не се дадени докази за да го поткрепи тоа тврдење.
РУСИЈА - Државната дума на Русија денеска во второ читање го усвои законот за забрана на ЛГБТ пропагандата, како и пропагирање на педофилијата и промена на полот во Русија. Сличен закон е во сила од 2013 година, но тој се однесуваше само на малолетниците, додека новиот закон важи за сите возрасти. Адвокатите и активистите за човекови права стравуваат дека законот ќе го криминализира секое јавно спомнување на ЛГБТ луѓето како феномен.
КОСОВО / СРБИЈА - Главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина престојуваат во Брисел, каде што разговараат со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог.
СРБИЈА - Министерството за одбрана на Србија ги демантираше наводите на одредени странски медиуми дека е во преговори со Иран за набавка на борбени дронови. Ова во писмена изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди помошник-министерот Ненад Милорадовиќ.
МАКЕДОНИЈА - Помал економски раст и зголемување на инфлацијата предвидува Народната банка, која направи надолна ревизија на априлските проекции. Есенските проекции на централната банка покажуваат дека годинава би ја завршиле со инфлација од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Не се предвидува квартален пад на економијата.
САД - Седуммина луѓе, меѓу кои и напаѓачот, се убиени во оружен напад во супермаркет Волмарт во местото Чесапик во американската сојузна држава Вирџинија, соопштија денеска градските власти. Неколкумина луѓе се ранети. Локалните претставници претходно соопштија дека вооружен маж ноќеска убил повеќе луѓе во супермаркет на Волмарт во Чесапик, како и дека напаѓачот е мртов.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер од 29 ноември до 1 декември ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Посетата на Штајнмајер, како што се наведува на официјалната веб страна на германскиот претседател, треба да се фокусира на ситуацијата во регионот, влијанието на руската агресивна војна во Украина и тековната поддршка на Германија за перспективите на земјата за пристапување во ЕУ.
МАКЕДОНИЈА - Камион утрово пропадна на плоштадот „Македонија“. Станува збор за возило на приватна компанија кое со тркалата пропаднало во плочникот во делот каде се наоѓа партерната фонтана. Камионот е со турски регистерски таблички и е дел од тимот на турска филмска продукција која снима филм во Скопје.
КИНА - Големи протести денеска биле организирани во најголемата фабрика за производство на Ајфони во Кина, која е во сопственост на тајванскиот производител Фокскон, покажуваат снимките објавени на социјалните мрежи Веибо и Твитер. На фотографиите се гледаат бројни работници кои одат по улиците, а се гледаат и луѓе во бели заштитни одела и полиција за сузбивање демонстрации.