Државната дума на Русија денеска во второ читање го усвои законот за забрана на ЛГБТ пропагандата, како и пропагирање на педофилијата и промена на полот во Русија.
Сличен закон е во сила од 2013 година, но тој се однесуваше само на малолетниците, додека новиот закон важи за сите возрасти. Адвокатите и активистите за човекови права стравуваат дека законот ќе го криминализира секое јавно спомнување на ЛГБТ луѓето како феномен.
Документот предвидува забрана за пропаганда на нетрадиционални сексуални односи и педофилија во медиумите, на интернет, во реклами, литература и кино. Законот, исто така, забранува поттикнување на тинејџери да го променат својот пол на интернет, во медиуми, книги, аудиовизуелните услуги, филмови и реклами. Забрането е издавање сертификат за изнајмување на филм ако содржи материјал кој промовира нетрадиционални сексуални односи и преференции.
Видете и ова: Руска пратеничка ги нарече хомосексуалците „болни луѓе“Државната Дума одобри норма според која организација овластена од владата ќе биде одговорна за следење на релевантните незаконски информации. Според документот, руското регулаторно тело за медиуми (Роскомнадзор) ќе воспостави процедура за следење на интернет и блокирање на веб-страници кои го прекршуваат законот за пропаганда.
Активистите за човекови права и активистите кои работат со ЛГБТ групите сметаат дека новиот закон ќе ја оневозможи работата на организациите, ќе ја зголеми не само репресијата, туку и степенот на секојдневна омраза кон ЛГБТ луѓето и дека ќе има негативно влијание врз психата на ЛГБТ тинејџерите.