Главните преговарачи на Србија и Косово на состанок кај Лајчак

Шефот на косовскиот преговарачки тим Бесник Бислими, специјалниот претставник на ЕУ за Белград иПриштина Мирослав Лајчак и шефот на српската канцеларија за Косово Петар Петковиќ

Главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина престојуваат во Брисел, каде што разговараат со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог.

Лајчак на Твитер напиша дека искрено се надева дека овој пат ќе се дојде до решение.

„Денеска сум домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија, како продолжение на нашата средба на високо ниво. Искрено се надевам дека денеска ќе успееме да најдеме решение за деескалација на тензиите на терен и да работиме на нормализација на односите. Разговорите се во тек“, напиша Лајчак.

Видете и ова: Курти побара француско-германскиот предлог да се стави на маса што побрзо

Според портпаролот на Европската Унија, Петар Стано, целта на средбата на главните преговарачи е „конечно да се најде излез од актуелната ситуација во европски дух“.

„По средбите на главните преговарачи вообичаено следуваат средби на високо ниво секогаш кога главните преговарачи се во можност да договорат нешто“, изјави Стано.

Главните преговарачи пристигнуваат во европската престолнина само два дена по неуспешниот круг дијалог на највисоко политичко ниво.

За пропаѓањето на средбата што се случи на 21 ноември, високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел одговорноста ја префрли на премиерот на Косово, Албин Курти.

Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со парични казни за сопствениците на автомобили со српски регистрации, но по неуспешната средба во Брисел, премиерот на Косово Албин Курти одлучи да ја одложи примената на оваа одлука за 48 часа.