Опозициската ССП поднесе предлог резолуција за воведување санкции против Русија

Потпретседателот на српското Собрание од редовите на опозицијата, Борко Стефановиќ со текстот на нацрт-резолуцијата со која се бара Србија да ја усогласи својата надворешна политика со европската.

Потпретседателот на српското Собрание од редовите на опозицијата, Борко Стефановиќ, соопшти дека до Комисијата за надворешни работи испратил предлог резолуција за усогласување на надворешната политика на Србија со политиката на Европската унија, со која се предлага воведување соодветен пакет санкции против Русија, кои Владата би морала веднаш да ги спроведе, јави дописникот на МИА од Белград.

„Ние сме единствениот кандидат за членство во ЕУ кои нема воведено рестриктивни мерки против Русија. Се ставаме во реална опасност повторно да бидеме изолирани“, изјави Стефановиќ на прес-конференција во Собранието.

Како што појасни, Србија е во реална опасност повеќе од 10.000 компании да се најдат во тешка ситуација, да се загрозат 300.000 работници вработени во компании од ЕУ, како и трговска размена со Унијата, што е 60 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.

Видете и ова: ЕУ очекува Србија да се активира во борбата со дезинформациите

Србија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во 2012 година. Непочитувањето на Србија со надворешната и безбедносната политика е едно од прашањата на кои Европската комисија со години укажува во извештаите за нејзиниот напредок.

Поради одбивањето на Србија да воведе санкции кон Русија, Европскиот парламент на 23 ноември гласаше за Резолуција со која се бара напредок во пристапните преговори меѓу Белград и Брисел само доколку Србија се согласи со политиката на санкции против Русија.