Сирените за тревога од воздушен напад се огласија ширум Украина, откако руски проектили денеска погодија критична инфраструктура во Киев.
Европскиот парламент претходно ја прогласи Русија за „држава спонзор на тероризам“, неколку часа откако едно бебе беше убиено во руски ракетен напад врз породилиште во регионот Запорожје.
„Намерните напади и злосторства извршени од Руската Федерација врз цивилното население во Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура и други сериозни прекршувања на човековите права и меѓународното хуманитарно право претставуваат акти на терор“, стои во Резолуцијата која ја изгласаа европратениците.
Видете и ова: Убиено бебе во руски напад врз породилиште, Зеленски обвини за терорПарламентот соопшти дека „ја признава Русија како државен спонзор на тероризмот и како држава која користи терористички средства“.
Потегот, кој не произведува правни последици, беше поздравен од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, беа пријавени експлозии во неколку региони во Украина. Градоначалникот на Киев Витали Кличко рече дека руска ракета погодила објект од критичната инфраструктура, но не даде детали.
Воздушна тревога имало и во регионите Миколаив, Одеса и Херсон.
Руските сили се повеќе ја гаѓаат украинската критична инфраструктура во изминатите недели, откако се соочија со неуспеси на бојното поле по инвазијата што ја почнаа на 24 февруари.