Помал економски раст и зголемување на инфлацијата предвидува Народната банка, која направи надолна ревизија на априлските проекции.
Есенските проекции на централната банка покажуваат дека годинава би ја завршиле со инфлација од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 проценти во 2025 година. Не се предвидува квартален пад на економијата.
Видете и ова: Инфлацијата ја „јаде“ владината помош за граѓанитеСпоред основното сценарио, стапката на раст за годинава би била 2,3 проценти, а за следната година 2,6 проценти, додека според второто сценарио, растот оваа година би изнесувал околу два процента и би забавил на 1,8 проценти следната година. На среден рок, се предвидува опоравување на растот на БДП на 3,6 проценти во 2024 година и на 4 проценти во 2025 година. Ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија.
„Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија“, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната прес-конференција.
Приватните трансфери од странство бележат зголемување и се очекува годинава да надминат две милијарди евра. Минатата година растеле близу 40 проценти, а досега оваа година околу 30 проценти.