ЕК за денеска потврди нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина

Шефот на косовскиот преговарачки тим Бесник Бислими, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина Мирослав Лајчак и шефот на Српската канцеларија за Косово Петар Петковиќ

По неуспешната лидерска средба меѓу Србија и Косово на почетокот на неделава, денеска ќе има нов обид за излез од кризата на ниво на шефовите на преговарачките тимови.

Европската комисија (ЕК) потврди дека за денеска ги поканила двете страни на ниво на шефовите на преговарачките тимови во Брисел.

Приштина и Белград во понеделникот не успеаја да се договорат за решение за регистарските таблички за Србите на северот на Косово. Неколку часа подоцна, по интервенција на САД, Приштина сепак прифати да го одложи стапувањето на сила за 48 часа.

Видете и ова: ЕУ го одложува текстот за визната либерализација поради ситуацијата во северно Косово


Во меѓувреме тензиите ризикуваат да избувнат повторно доколку не се изнајде решение итно.

Поради тоа Брисел, во рамките на Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина денеска итно ги повика преговарачите.

Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти во понеделникот не даде резултати.

Ситуацијата на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население, е заострена поради одлуката на владата на Косово да почне со спроведување на одлуката за пререгистрација на возилата со српски таблички, кои ги смета за нелегални, со косовски.

Кризата на релација Белград – Приштина, ЕУ ја оцени како „најсериозна од 2013 година“.

Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со парични казни за сопствениците на автомобили со српски регистрации, но по неуспешната средба во Брисел, премиерот на Косово Албин Курти одлучи да ја одложи примената на оваа одлука за 48 часа.