Седум мртви во вооружен напад во супермаркет во САД

Полиција пред супермаркетот Волмарт во Чесапик, каде што беа убиени седум луѓе

Седуммина луѓе, меѓу кои и напаѓачот, се убиени во оружен напад во супермаркет Волмарт во местото Чесапик во американската сојузна држава Вирџинија, соопштија денеска градските власти. Неколкумина луѓе се ранети.

Локалните претставници претходно соопштија дека вооружен маж ноќеска убил повеќе луѓе во супермаркет на Волмарт во Чесапик, како и дека напаѓачот е мртов.

Портпаролот на полицијата претходно рече дека добиле повик за нападот синоќа околу 22 часот по локално време (4 изутрина по средноевропско време) и дека интервентните тимови веднаш влегле во објектот штом стигнале на местото.

Видете и ова: Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за контрола на оружјето

Портпаролот рече дека не може да каже како настрадал напаѓачот, но дека не верува дека полицијата пукала.

Според некои извештаи, пукањето престанало кога полицијата стигнала во продавницата.

Нападот се случил на 48 часа пред прославата на Денот на благодарноста, голем празник за кој се вообичаени семејни собирања во САД. До нападот доаѓа само три дена по нападот во геј-бар во сојузната држава Колорадо, кога беа убиени 5 луѓе, а 17 беа ранети.