Повеќе жртви при пукање во продавница на Волмарт во САД

Илустрација: Продавница на Волмарт во САД

Вооружен маж убил повеќе луѓе во продавница на Волмарт во американската сојузна држава Вирџинија доцна синоќа, соопшти полицијата, додавајќи дека и напаѓачот е меѓу загинатите.

Нападот во градот Чесапик, на 240 километри југоисточно од главниот град Вашингтон, се случува во пресрет на прославата на американскиот празник Ден на благодарноста.

Ова е второ масовно пукање во САД оваа недела, откако во друг напад во ЛГБТ клуб во Колорадо беа убиени петмина луѓе.

Видете и ова: Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за контрола на оружјето

Полицискиот службеник од Чесапик Лео Косински пред новинарите изјави дека има „повеќе жртви и повеќе повредени“.

„Веруваме дека станува збор за еден напаѓач и тој напаѓач во моментов е починат“, рече тој, без да појасни како загинал осомничениот.

Нападот се случил доцна во вторникот по американско време, односно рано утринава по европско време, додека продавницата сè уште била отворена.

На видео-снимките од местото на настанот се гледа големо полициско присуство.

Точниот број на жртви е непознат. Косински рече дека полицијата верува дека не се убиени повеќе од 10 луѓе.