ММФ одобри 530 милиони евра за Македонија

Иустративна фотографија

Извршниот одбор на ММФ го одобри двегодишниот аранжман за Северна Македонија според Линијата за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) во износ од околу 530 милиони евра, соопштија од канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд во Скопје.

Како што појаснуваат оттаму, одобрувањето на аранжманот овозможува итна исплата на околу 110 милиони евра, што ќе биде проследено со уште една исплата од околу 155 милиони евра по завршување на првиот преглед планиран во мај 2023 година.

„Северна Македонија се квалификува за ПЛЛ врз основа на нејзините здрави економски основи, силните рамки на институционалните политики, евиденцијата на добрите економски перформанси и имплементацијата на политиките и посветеноста да се одржуваат таквите политики во иднина“, се наведува во соопштението.

Аранжманот ќе ги поддржи владините политики за справување со економските последици од пандемијата Ковид-19 и руската инвазија над Украина.