„Ревизионистичкиот“ шал на Орбан ги налути Романија и Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со шал околу вратот со картата на таканаречената Голема Унгарија

Министерствата за надворешни работи на Романија и Украина го критикуваа унгарскиот премиер Виктор Орбан откако тој објави фотографии на Фејсбук на кои се гледа како носи шал со карта на таканаречената Голема Унгарија, која вклучува територии на денешна Австрија, Романија, Украина, Словачка, Србија и Хрватска.

Во соопштението од 22 ноември, романското Министерство за надворешни работи рече дека Букурешт и го пренел своето „цврсто неодобрување“ кон Будимпешта поради сликите, додека Киев рече дека очекува „официјално извинување“ за нарушување на нејзиниот „територијален интегритет“.

„Секоја ревизионистичка манифестација, без оглед на формата што ја има, е неприфатлива, спротивно на сегашната реалност и на обврските преземени заеднички од Романија и Унгарија“, се вели во романската изјава.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко, на Фејсбук напиша дека „промоцијата на ревизионистички идеи во Унгарија не придонесува за развојот на украинско-унгарските односи и не е во согласност со принципите на европската политика“.

„Очекуваме официјално извинување од унгарската страна и отфрлање на какви било унгарски претензии на украинска територија“, додаде тој.

Орбан го носеше шалот на фудбалскиот натпревар во Будимпешта меѓу Унгарија и Грција на 20 ноември. Сликата ги прикажува границите на Унгарија од 1920 година.

Унгарија, која беше дел од Австро-унгарската империја, загуби околу две третини од својата територија по поразот во Првата светска војна и усвојувањето на Договорот од Тријанон од 1921 година.

Орбан долго време користи градење митови, ревизионистички изјави и гестови како основа на неговото популистичко владеење во Унгарија. Тој често се позиционира како лидер на етничките Унгарци кои живеат надвор од сегашните граници на Унгарија, а неговата влада им додели државјанство и право на глас.

Орбан, кој е најблискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во Европската унија, привлече критики на почетокот на овој месец кога ја одбележа годишнината од задушувањето на востанието во Унгарија од 1956 година од страна на Советскиот Сојуз на Твитер со објава во која нејасно беше напишано: „тие ја скршија нашата револуција во 1956 година“, без да се идентификува на кого се однесува „тие“.