Дебатата за Предлог-буџетот за 2023 година, што Владата го усвои на 2 ноември почнува утре во Собранието. Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува голем интерес за дискусија и вели дека инклузивноста е секогаш добредојдена за да се соочат аргументите „за“ и „против“ и да се избере најдоброто.
„Тоа е дел од тој транспарентен и демократски процес на носење на овој најзначен документ кој ги содржи политиките и мерките што ќе се спроведуваат во текот на наредната година. Очекувам голем интерес за дискусија, имајќи го предвид тековниот глобален контекст, како и новите карактеристики на Буџетот, кој првпат се подготвува согласно новиот Закон за буџети“, вели Бесими.
Економскиот раст на домашната економија е проектиран на 2,9 проценти, а стапката на инфлација на 7,1 процент. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите се на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.
Според Бесими, предложениот Буџет претставува сеопфатен план на сите политики и мерки што ќе ги спроведува Владата, а кои треба да помогнат во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции и забрзување на економскиот раст.
Собраниската дебата за Предлог-буџетот трае 10 дена.