Блинкен ја критикуваше ФИФА за правилата со капитенската лента во Катар

Пример за капитенска лента која поддржува различност и вклучување, а за која капитените на седум европски репрезентации можат да бидат казнети доколку ја носат на Светското првенство во Катар

Шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, денеска ја критикуваше Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), која им се закани на играчите а Светското првенство во Катар дека ќе добијат жолти картони доколку носат капитенски ленти во бои од виножитото.

Зборувајќи на прес-конференција со неговиот катарски колега во Доха, Блинкен рече дека „секогаш е загрижувачки кога гледаме какви било ограничувања на слободата на изразување“.

„Тоа е особено така кога станува збор за изразување поддршка за различноста и вклученоста. Мислам дека никој на фудбалскиот терен не треба да биде принуден да избира помеѓу поддршката на тие вредности и играњето за својата репрезентација“, рече Блинкен.

Видете и ова: Саудиска Арабија со победа ја шокираше Аргентина на СП во Катар

ФИФА ги предупреди тимовите дека нивните играчи ќе добијат жолти картони пред натпреварите доколку нивните капитени носат ленти со натпис „Една љубов“, коишто не ги одобрува.

Седумте европски репрезентации кои имаа намера да ја носат капитенската лента на виножитото на натпреварите во Катар изјавија дека се подготвени да платат казни поради тоа, но не можат да ризикуваат со жолти картони за своите играчи.