Вучиќ им порача на Србите од Косово да го зачуваат мирот

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека побарал од политичките претставници на Србите од Косово да ги зачуваат мирот и стабилноста.

Вучиќ денеска рано наутро се сретна со српските претставници, откако косовскиот премиер Албин Курти го одложи спроведувањето на втората фаза од одлуката за српските регистарски таблички за 48 часа на северот на Косово.

Барањето за одложувањто од 48 часа го упатија САД.

Вучиќ денеска на својот Инстаграм профил преку видео изјава рече дека „на туѓата ароганција одговараме онака како што одговараат пристојните луѓе“.

„Ние само сакаме да си го заштитиме своето и ништо повеќе. Затоа, сигурен сум дека како народ ќе покажеме зрелост и ќе ги зачуваме нашите огништа“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Курти го одложи изрекувањето на казните за 48 часа на предлог на амбасадата на САД

Косовската полиција соопшти дека од 22 ноември ќе почне да изрекува казни за возачите кои не ги замениле регистарските таблички издадени од српските власти во РКС (Република Косово).

Табличките РКС (Република Косово), на кои инсистира Владата на Косово, не се прифатливи за Белград и Србите на северот на Косово.

Итната средба меѓу Курти и Вучиќ во Брисел на 21 ноември не резултираше со договор.

Косово и Србија ги започнаа преговорите за нормализација на односите во 2011 година, со посредство на Европската унија.