Русија денеска соопшти дека гранатирањето на нуклеарната централа во Запорожје претставува ризик од предизвикување на голема нуклеарна несреќа и ги повтори обвинувањата, кои претходно Киев ги негираше, дека се виновни украинските сили.
Кремљ ги повика „сите земји во светот“ да извршат притисок врз Киев да ги прекине нападите, за кои Украина вели дека се одговорност на Русија.
Електраната, која е под руска контрола за време на викендот беше потресена од силно гранатирање, што наиде на осуда од МААЕ која соопшти дека таквите напади ризикуваат голема катастрофа.
Топење на реакторите на електраната или пожар со потрошено нуклеарно гориво може да испрати столб од радионуклиди во воздухот и потенцијално да се рашират на голема површина на Европа.
„Ова не може да не предизвика наша загриженост“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, мислејќи на гранатирањето.
„Ги повикуваме сите земји во светот да го искористат своето влијание за украинските вооружени сили да престанат да го прават тоа“, рече Песков.
Новинската агенција Ројтерс засега не можеше независно да потврди која страна е одговорна за гранатирањето викендов.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нејзината мисија во централата пријавила оштетување на зградата за радиоактивен отпад и на складиште, на системи со прскалки нс езерце за ладење, електричен кабел до еден од реакторите, резервоари за складирање кондензат и мост меѓу друг реактор и неговите помошни објекти.
Надворешните напојувања не беа погодени, а нивото на радијација во централата остана нормално, соопшти МААЕ.