Димовски и на владина седница ќе реферира за пасошот на Онишченко

Сослушување на директорот на АНБ, Виктор Димовски, за случајот Олександр Онишченко, 18 ноември, 2022

Директорот на Агенцијата на национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски најверојатно утре на затворена владина седница ќе даде извештај за случајот Оношченко, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој рече дека мора да се утврди одговорност за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец, Олександер Онишченко.

Државјанството на Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД, било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.

Премиерот информираше и дека наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција. Сегашниот директор е во процес за испраќање како амбасадор во Франција.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во петокот по сослушувањето во Собрание, изјави дека е лоцирано лице кое не го испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење за државјанство за Онишченко.

На затворената седница на собраниската комисија за надзор на АНБ се случи инцидент, односно имаше тонски пренос во живо од отчетот на Димовски на Јутјуб каналот на Собранието, за што во тек е истрага во Собранието.

Видете и ова: Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко

Од Министерството за внатрешни работи за МИА велат дека случајот е пријавен во Секторот за компјутерски криминал и оти веќе се постапува по него, но засега не се соопштуваат други информации.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација.