Сообраќаен метеж низ Скопје, приватниците не возат, се прават улици

Луѓе чекаат автобуси на автобуска постројка во центарот на Скопје, на Рекорд

Утринава низ Скопје имаше сообраќаен метеж на повеќе сообраќајници.
Приватните автобуси на „Слобода превоз“ не возат на дел од линиите, а дополнително гужва прават почнатите реконструкции на неколку главни сообраќајници низ градот поради што сообраќајот се одвива по една или две ленти. Жители на главниот град и по еден час заглавиле во сообраќајниот метеж и доцнеле на работа.

Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, не сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, бидејќи немаат пари за нафта, оти ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не им го исплатил долгот.

Од Град Скопје утринава информираа дека приватниот превозник „Слобода превоз“ има обврска да ги почитува договорените обврски од јавен интерес. Посочуваат дека автобусите на ЈСП Скопје на линиите 9,12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување.

Видете и ова: Автобусите на „Слобода превоз“ нема да возат на дел од линиите низ Скопје

Од друга страна, во тек се реконструкции на неколку главни сообраќајници. Од Град Скопје велат дека реконструкциите се на барање на граѓаните и дека се прават поради дотраеност на улиците.