Пред 27 години е потпишан генералниот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина или познат како Дејтонскиот мировен договор. Договорот беше потпишан на 21 ноември 1995 година, во американската воздухопловна база Рајт-Патерсон во близина на градот Дејтон.
Со ова заврши војната во Босна и Херцеговина, која траеше речиси четири години.
Со овој договор, Босна и Херцеговина е составена од два ентитета - Федерацијата БиХ и Република Српска.
Договорот беше официјално потпишан во Париз на 14 декември 1995 година, а го потпишаа тогашните претседатели на БиХ, Србија и Хрватска - Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.
Анексите на договорот беа потпишани само на англиски јазик.
Босна и Херцеговина го нема оригиналниот документ од Дејтонскиот мировен договор, кој во земјава го донесе тогашниот претседател Алија Изетбеговиќ по потпишувањето. Оригиналниот примерок е изгубен во Претседателството на Босна и Херцеговина и се уште не е најден.
Денот на потпишувањето на Дејтонскиот договор се слави во ентитетот Република Српска и е неработен ден, што не е случај во ентитетот на Федерацијата БиХ.
Босна и Херцеговина нема државен закон за празници.