Моника Зајкова избрана за нова претседателка на ЛДП

Моника Зајкова е избрана за нова претседателка на Либерално-демократската партија

Моника Зајкова е избрана за нова претседателка на Либерално-демократската партија на осмиот партиски конгрес на кој таа беше единствен кандидат за лидер.

По изборот Зајкова изјави дека во нејзиниот мандат може да се очекуваат повидливи политики со кои ќе се подобри секојдневното живеење на граѓаните.

„Не сакаме популизам и лажни ветувања за работи кои не можат да се имплементираат, туку мали и јасни иницијативи што водат кон конкретни чекори кои ќе значат подобрување на животот и условите во државата“, рече Зајкова.

Киев да биде Киив - ЛДП поднесе иницијатива за употреба на украинските топонимивка

За евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата, во која и ЛДП е коалициски партнер, Зајкова рече очекува да бидат формално известени за тоа од коалициските партнери и дека „ЛДП е отворена за сите прогресивни сили“.

Во однос на измените на Уставот, пак, рече дека за ЛДП не е спорен влезот на Бугарите во Уставот, а најави дека партијата ќе предложи и влез на еврејската заедница.

„За нас не е спорно влезот на Бугарите во Уставот, но ќе предложиме и влез на еврејската заедница како дел од народ кој учествувал во креирањето на темелите на оваа држава и учествувале во Народноослободителната борба“, истакна Зајкова.

Зајкова, која досега беше потпретседателка на ЛДП и е пратеничка во Собранието, го наследува Горан Милевски кој партијата ја водеше од 2015 година.