Косовската полиција најави казни за возачите со српски таблички од 22 ноември

Илустрација

Косовската полиција соопшти дека до 21 ноември ќе трае предупредувањето на возачите со нелегални српски таблички, а од 22 ноември ќе започне со изрекување казни.

Според податоците на полицијата, до 20 ноември биле издадени околу 1.740 опомени на возачи на автомобили со нелегални српски регистарски таблички.

За утре е најавена средба помеѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Брисел во врска со планот на Владата на Косово за пререгистрација на автомобилите. И Курти и Вучиќ ја потврдија средбата.

Вучиќ не е оптимист за средбата со косовскиот премиер во Брисел

Владата на Косово од 1 ноември почна да го спроведува својот план за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички издадени од Србија.

Претставниците на меѓународната заедница побараа од официјална Приштина да го одложи спроведувањето на одлуката за пререгистрација на возила за десет месеци, но косовските власти одбија.