Вашингтон пост: Русија склучила договор со Иран за производство на дронови

УКРАИНА - Делови од беспилотно летало (UAV), за што украинските власти сметаат дека е самоубиствен дрон Шахед-136 од иранско производство, пронајдени по рускиот напад врз складишта за гориво. Харков, 6 октомври 2022 година

Москва и Техеран, наводно, потпишале договор што ќе и овозможи на Русија да произведува дронови дизајнирани од Иран кои ќе се користат на бојното поле во Украина.

Весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на интервјуа со тројца американски претставници запознаени со ситуацијата, објави дека договорот бил финализиран за време на состанок во Иран на почетокот на овој месец и дека Иран во моментов ги предава „дизајните и клучните компоненти“ за Русија да започне со производство.

Официјалните лица за весникот изјавија дека ако договорот биде реализиран, тоа ќе претставува натамошно продлабочување на руско-иранскиот сојуз. Според медиумскиот извештај, двете страни работат на започнување со производство во наредните месеци.

Доколку Русија се здобие со сопствена производна линија или производствени капацитети, би можела драматично да ги зголеми резервите на ефтини, но многу деструктивни беспилотни летала.

Блинкен: Руската употреба на ирански дронови е застрашувачка

Русија употреби стотици дронови од Иран против украинската воена и цивилна инфраструктура. Москва негираше дека користела беспилотни летала од Иран, иако Техеран призна дека ги испорачувал според договорот за кој рече дека бил склучен пред руската инвазија на Украина во февруари.

САД неодамна воведоа санкции за компании кои ги обвинија дека се вклучени во производството или пренесувањето во Русија на ирански беспилотни летала.